Освен Србија која дозволи влез на македонски граѓани на нејзина територија без било какви рестрикции, останатите земји од регионот ги затворија границите за нашите државјани. Бугарија, Црна Гора и Словенија веќе воведоа 14-дневен карантин за сите кои доаѓаат од земјава, а јужниот сосед Грција можно е на 15 јуни да не ја отвори границата за Македонија.
Земјите од регионот и пошироко започнаа со внимателно отворање на границите, а поради раст на бројот на новозаразени кај нас во изминатите денови, македонските граѓани се најдоа меѓу оние кои се означени дека доаѓаат од високо ризична земја.
Во Словенија 14-дневниот карантин ќе важи за сите кои од земјава ќе се обидат да влезат на нејзина територија. И Кипар ги затвори границите за Македонците. Земјата дозволи влез на државјани на 19 други земји без карантин, но со услов да бидат негативно тестирани на Ковид-19, а списокот на земји повторно ќе биде ажуриран на 20 јуни.
И Бугарската Влада пред некој ден донесе одлука за 14 дневен карантин за влез на луѓе од територијата на Македонија. Црна Гора пак нашата земја ја стави на црната листа за забрана за влез. Земјата објави список во кој се бара стапката на случаи заболени од новиот корона вирус да биде помал од 25 заразени на 100 илјади жители за да може да се престојува во земјата без карантин.
Албанија најави дека ќе ја следи ситуацијата со новозаразени во земјава и врз основа на тие бројки ќе одлучи под кои услови ќе ги прима нашите граѓани. Косово бара негативен тест не постар од 4 дена или 14 дневна домашна изолација.