Македонија 04. мај 2020. / 14:08

Странскиот печат за едно убиство: Делчев со години беше душата на револуцијата во Македонија

Странскиот печат за едно убиство: Делчев со години беше душата на револуцијата во Македонија

Денеска, 4 мај 2020 година, се навршуваат 117 години од убиството на македонскиот револуционер, икона на македонскиот народ и еден од столбовите на македонската државност, Гоце Делчев.

Во светлината на најновите случувања на релација меѓу официјално Скопје и официјална Софија,
без никаква интенција да прави било каква анализа, Лидер ќе објави три продолженија од научниот труд на младиот историчар Никола Минов, насловен како „Убиството на Гоце Делчев во странскиот печат од мај-јуни 1903 година“, што е објавен во списанието „Историја“ на Здружението на историчари на Република Македонија. Ова чисто како насока на размислување од аспект на тврдењата на проф. Денко Малески, кои предизвикаа бура реакции во јавноста. А, за потсетување, еден од неговите аргументи беше пишувањето на „Њујорк Тајмс„ пред повеќе од стотина години и потребата од само еден клик за да може тоа да се види.
Во трудот младиот Минов користи текстови од „The Times“, „Evening Post“, „Der Deutsche Correspondent“, амстердамски „De Tijd“, швајцарскиот „La Liberte“, американски „The Spokane Press“.

Трудот на Минов сигурно има посебно значење, зашто доаѓа во време кога не може да стане збор за никакво идеолошко оптоварување, со оглед дека на иста тема има трудови и од времето на едноумието.

Но, еве што пишува Никола Минов:

На 11 мај 1903 година, лондонски „The Times“ дознава дека „Делчев бил вистинскиот водач на познатата организација и главен двигател на целокупното движење. Тој го организираше киднапирањето на американската мисионерка Мис Стон, веројатно за да се прибават парични средства за Организацијата“.
Две недели подоцна, на 25. мај 1903 година, дописникот на истиот весник од Софија, нуди многу подетални и мошне интересни информации за значењето на Делчев за ТМОРО и за нејзината самостојност. Текстот е со наслов „Балканската криза“: 25 мај – дописникот на „The Time“s од Софија

Од веродостоен извор во Македонија бев информиран за смртта на Ѓорѓи Делчев, познатиот водач на „Внатрешната револуционерна организација“. Пред околу десет дена турските власти објавија дека тој бил убиен во близина на Серес, но овие вести требаше да бидат потврдени, особено поради тоа што Турците известија за смртта на повеќето други македонски водачи, вклучително на генералот Цончев кој во последните два месеци мирно си живее во родниот град Дреново. Се чини дека Делчев, кој заедно со поетот Таворов, (44 се мисли на поетот Пеју Јаворов, но информацијата е погрешна, бидејќи Јаворов не бил заедно со Делчев во Баница) придружуваше чета предводена од војводата Кирчовски,(45 Војводата дедо Иљо Крчовалијата, како и Јаворов, не присуствувал на судирот во Баница) влегол во селото Баница, на околу два часа оддалеченост од Серес. Присуството на четата им било предадено на Турците од грчки шпион, по што една голема сила испратена од Серес го опколила селото. По неколкучасовна битка, селото било запалено, а со него исчезнале Делчев, Таворов, Кирчовски со четата и, како што се наведува, сите жители. Делчев, кој беше од Кукуш и по професија учител, имаше 32 години (46 На дренот кога бил убиен Гоце Делчев имал точно 31 година и 3 месеци).

Иако не беше основач на Внатрешната организација, чисто македонска асоцијација, која што никогаш не работеше во хармонија со комитетите во Софија, тој практично го создаде сегашниот систем, кој се чувствува во сите краишта на земјата.

Неговата смрт ќе се покаже како сериозен удар за движењето и за извесно време би можела да ги парализира неговите активности.

На 23 мај 1903 година, дописникот на лондонски Daily News, Џон МакДоналд, го испратил дотогаш најтемелниот извештај во западноевропскиот печат за ликот и делото на Гоце Делчев.
(Од нашиот специјален пратеник)
Пазарџик, Источна Румелија,
23 мај
Смртта на Делчев

Исклучокот за кој што зборував е Делчев, за кого штотуку добив вест дека умрел во близина на Серес. Со оглед на тоа што веста беше донесени од „курир“, може да се прифати како целосно веродостојна. Не мина ни месец откако Делчев се сретна со водачите на Организацијата за да го решат прашањето дали наскоро ќе се објави општо востание, или пак ќе се ограничат на герила, со цел да ги исцрпат турските сили, без разлика колку време би било потребно за тоа. Делчев со години беше душата на револуцијата во Македонија. Во таа провинција тој беше подобро познат отколку во Бугарија. Делчев беше идолот на десетици илјади македонски селани. Неговата појава и однос се разликуваа од идејата што би можеле да ја имаме за тоа како изгледа еден воен одметник. Делчев беше човек со средна висина, русокос, синоок (48 Очигледно е дека авторот на текстот никогаш не видел фотографија на Гоце Делчев), прилично тих, нежен во начинот на кој што им се обраќаше на луѓето. Тој беше остроумен набљудувач, можеше да решава со секавична брзина и ниедна сила на земјата не можеше да го оттргне од неговата цел. Имаше нешто над 32 години. Како многумина други смели водачи и благородни карактери во Организацијата, Џорџо Делчев бил учител. Тој беше образован во бугарската гимназија во Солун – установа која што сега е затворена од Турците и чиишто учители, покрај многуте нејзини ученици, сега се во затвор. Откако ја напушти гимназијата, Делчев влезе во военото училиште во Софија. Потоа стана учител, користејќи ги можностите, при префрлувањето од едно училиште во друго, да ја пропагира револуционерната идеја. Некои од неговите соработници, кои што лично ги познавам и кои на ист начин ги користеа укажаните можности, сега ги очекува судење. Од училиштата и од гимназиите во Македонија излегоа стотици млади патриоти.

Пред десет години, Делчев се откажа од својата професија, ѝ се приклучи на Организацијата и набргу стана нејзин движечки дух. Европските читатели мислат дека Борис Сарафов е водачот на
револуцијата. Борис Сарафов не е ништо повеќе отколку водач на една боречка чета, и тоа добра. Но вистинскиот водач во последните неколку години беше Џорџо Делчев.

(УТРЕ: „Daily News“ ја објавил најраната запишана верзијаза смртта на Делчев, раскажана од очевидец на настаните)