Институцијата со чија помош беше извршен милионски рекет и од чија што сметка беа исплаќани милионски суми на лица блиски до власта, лицата одговорни за прогонот врз опозицијата и политичките неистомисленици на Зоран Заев, денеска се спасуваат со обид на власта на мала врата целосно да се претопат во ЈО, истакна на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Обвинителството на Љубомир Јовески, наместо истраги кон СЈО, денеска целосно сака да го преземе СЈО, онака како му е наметнато од власта. И сето тоа да помине, како што додаде, без одговорност за аферата „Кеш“, за незаконското работење, за расипничкото трошење на милионите пари од буџетот.
-Власта и ЈО се уште ги нема суспендирано обвинителите и полициските службеници, кои земале илјадници евра од сметката на СЈО. И покрај излегувањето на аферата „Кеш“ во јавноста, власта не презема конкретни чекори за милионската афера. Наместо одговорност, денеска во Собранието, владата пушта предлог-закон со кој што СЈО преоѓа кај молчаливиот Јовески, рече Стоилковски.
Тој додаде дека статусот на вработените во СЈО требаше да се реши со нов закон за јавно обвинителската сфера.
-Власта на овој начин сака да го премости носењето закон за ЈО, сфера, еден од условите за датум, на начин без опозицијата, без консензус, без договор, без прифаќање на четирите постулати за кои веќе ги прифатија, а беа поднесени од страна на опозицијата како дел на новиот закон за ЈО, сфера по теркот на светските норми, рече Стоилковски и истакна дека очекуваат одговорност за сите инволвирани во незаконските и расипнички дејствија во изминатиот период од СЈО.