Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски соопшти дека консултациите со власта за кандидатите во техничката влада траат, но не појасни дали имало телефонски разговор помеѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по нивната синоќешна средба за кандидатот од опозициската партија за технички министер за внатрешни работи, што за власта беше спорен.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција, Стоилковски рече дека кога ќе имаат конктретни резултати ќе ги соопштат и ја повика власта да не ги одложува работите, порачувајќи и дека со тоа нема да се одложат изборите и, како што вели, изборниот пораз.
– Нема да влезам во уставни толкувања. Поставен е предлог. Тоа што бараме и тоа што повикуваме е да не се одложуваат работите, да не се кочи професионалец, предлог којшто би требало да влезе на местото технички министер во Министерството за внатреши работи – изјави Стоилковски, прашан за коментар на ставовите на експертите дека нивниот предлог е противуставен.
Прашан како ќе се одвиваат консултациите по синоќешната средба Заев – Мицкоски, Стоилковски рече дека тие траат цел ден, посочувајќи дека може да продолжат и утре, без да прецизира дали имало или не телефонски разговор помеѓу лидерите на двете партии.