Ако се говори за историја, тогаш треба да се почитуваат сите факти. Бугарија беше на страната на силите на Оската и на крајот прејде на страна на сојузниците, вели поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во разговор за МКД.мк.
Според него, нема ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет и за прашања кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани.
Кому му одат во прилог тврдењата од Софија дека Коминтерната ја формирала македонската нација, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, освен можеби на создавањето „непријател“ од оваа страна на границата?
Никаква Коминтерна не го создала ниту бугарскиот ниту македонскиот јазик. Бидејќи и едниот и другиот јазик се јазици што ги говорат посебните народи, бугарскиот народ – бугарски, македонскиот народ – македонски. А сличности има. Има и меѓу српскиот и хрватскиот, па Србите го нарекуваат српски, Хрватите – хрватски, Бошњаците – бошњачки, Црногорците – црногорски.
Не гледам ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет. Македонската нација постои, таа е историски факт и секој што тука нешто проблематизира всушност им штети на односите во цела Европа.
Каде води враќањето назад во историјата, уште во средниот век, инсистирањето на заедничка историја…?
Сите ние во регионот имаме многу заедничка историја, но тоа не значи дека сега треба да се покренуваат некои прашања што веќе не постојат. Тоа е прашање на идентитетот на македонската нација, македонскиот народ, македонската држава и во таа смисла никој нема право да се меша и да бара некакви историски факти што можат да ги нарушат сегашните односи меѓу државите, кои мора да бидат нормални.
Тука е и тврдењето дека Тито нѐ создал…
Тито никого не го создал, туку само ги констатирал фактите. Ако е така, тогаш би значело дека Тито ги создал и Србите и Хрватите и Словенците.
Ние бевме во една државна заедница, Кралство Југославија, во кое не беа решени националните прашања. Националните прашања кај нас се решени во Народноослободителната борба, која ја водеше маршалот Тито. Но секој народ го извојува своето право и да има свој јазик и да има своја територија и идентитет.
Целиот разговор со Стипе Месиќ на следниот ЛИНК.