Во Кривичниот суд стартува судењето за „Меѓународен сојуз“, а на обвинителна клупа ќе седнат пратеничката Фросина Ременски и Бојан Јовановски.
Овој предмет ќе го судат истите судии од случајот „Рекет“, Васка Николовска- Масевска и Софче Гаврилова -Ефремова. Разликата е во тоа што сега судијката Гаврилова -Ефремова е претседател на судечкиот совет, а судијката Николовска -Масевска е втор судија.
Покрај Јовановски, обвинети се и неговиот татко, Миле Јовановски, Јасна Мандиќ, Христина Блажевска, како и пратеничката Ременски.
Како што неодамна соопшти Јавното обвинителство, со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело.
Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови, за што вкупно искеширале над 1 милион евра.
Бојан Јовановски тврди дека обвинението е конструиран случај. Исто така Јоваовки откако беше осуден на 9 години затвор за две кривични дела побара збор од судијката во процесот, Васка Николовска Масевска. Тој посочи каде треба да се бараат парите кои биле сместени во „Луј витон“ чантата.
„Ова е политичка одлука. Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“, рече Боки 13.