Еден од најблиските соработници на српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на парламентарната комисија за Косово, Милован Дрецун, испрати ново скандалозно обвинение против Бугарија, пишуваат дел од бугарските медиуми.
Дрецун во настап на провладината телевизија „Хепи“ на неколку пати повтори дека властите во Софија работат на создавање Велика Бугарија. Дрецум и српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ речиси цела година испраќаат навредливи, понижувачки и агресивни изјави против Бугарија.
Дрецун неколку пати се пожали од однесувањето на министерката Екатерина Захариева по нејзината реакција дека „нашата држава ја шпионира Србија“, што беше поврзана со негови изјави.
-Имаше непримерна реакција. Јас реков дека постојано има зголемување на разузнавачките активности на некои соседни држави. Знаете ли колку беа разгорени страстите во Бугарија по таа моја изјава? А, проблемот таму е што тие не знаат што и колку знам јас. Јас изнесов само 10% од работите и повеќето од нив меѓу редови. Кога ќе треба, ќе кажам многу повеќе. Реакцијата на Екатерина Захариева беше непримерна. Таа дури го повика српскиот амбасадор во Софија во бугарското МНР. Следуваа и други реакции на бившиот министер за одбрана, историчари на на еден нивни европратеник, кој често дава екстремистички изјави, рече Дрецун.
Дрецун потсети на својата изјава дека на територијата на Србија дејствуваат бугарските разузнавачки служби.
„Е, сега некој нека каже дека тоа не е така. Па, и самиот Вучиќ изјави дека службите на соседни држави дејствуваат во Србија. И одеднаш слушнавме Захариева да вели-Какви служби, такво нешто нема! Но, во тој момент се обраќа бившиот министер за одбрана (сигурно мисли на бившиот минитер за надворешни работи-р.б.) и претседател на Атлантскиот совет:„Да, така е и ние треба да го зголемиме нашето присуство таму, зашто таму има руско присуство и руски шпионски центар во Ниш, кој се наоѓа на 30 километри од бугарската граница“, изјави Дрецун и егзалтирано додаде:„Како тоа Ниш е на 30 километри од Бугарија? Тоа е страшен инцидент. Веднаш требаше да се испрати нота! Дачиќ требаше да реагира, нивниот амбасадор да биде повикан. Ниш може да биде на 30 километри само во рамките на Великобугарскиот-Санстефански договор. Тоа значи дека таа идеја е многу жива кај нив“.
Потоа Дрецун одново ги повтори своите обвинувања од ноември за „големиот шпионски центар во Скопје во кој свое учество има и Бугарија“.
-Тогаш реков дека Бугарија учествува во еден голем центар макиран во една голема европска компанија. По таа моја изјава настана вистински хаос во регионот. Македонската служба почна да проверува што се случува, но кога разбра дека многу од македонските разузнавачи работат со други служби, одлучија да прекинат и да се откажат од полиграфското тестирање, изјави уште Дрецун.