Македонија 09. октомври 2019. / 15:36

Средба Спасовски-Даниелсон: Северна Македонија е важен партнер кој покажа сериозен напредок

Средба Спасовски-Даниелсон: Северна Македонија е важен партнер кој покажа сериозен напредок

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше работна средба со генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и соседство во Европската комисија Кристијан Даниелсон, на која е презентиран напредокот направен во спроведувањето на реформската агенда во пресрет на донесување на одлуката и определување датум за почнување на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

На средбата, како што се вели во соопштението од МВР, се разговарало за реформите на безбедносно-разузнавачките служби, зајакнување на капацитетите на финансиските истраги, спроведување на ефикасни истраги во областа на организираниот криминал, воспоставување на надворешниот механизам за контрола над полицијата, справувањето со нелегалната миграција и трговијата со луѓе и процесот на проверка на вработените во министерството-ветинг.

Даниелсон истакнал дека Северна Македонија е многу важен партнер за Европската комисија, која во изминатиот период покажа сериозен напредок во процесот на пристапување кон ЕУ и исполнување на поставените приоритети. Напредокот кој Северна Македонија го постигна е дополнителен аргумент во насока на донесување на одлуката и определување на датум за отпочнување на преговорите, за што ќе се одлучува во наредните неколку дена.

Министерот Спасовски, како што се додава во соопштението од МВР, информирал за резултатите кои се постигнати во областа на внатрешните работи, а кои се согласно плановите и препораките кои во изминатиов период беа утврдени со Европската унија.

Тој нагласил дека и во претстојниот период фокусот ќе биде на зајакнување на капацитетите на министерството и другите институции кои се вклучени во борбата против организираниот криминал и корупција, како и на спроведување на финансиските истраги.