Претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, се сретна со началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на Босна и Херцеговина, генерал–полковник Сенад Машовиќ, со кој разговарал за севкупната армиска и одбранбена соработка меѓу двете земји и заедничкото учество во странски мировни мисии.
Како што информираат од неговиот кабинет, претседателот Пендаровски и генерал–полковник Машовиќ разговарале и за можностите за зајакнување на меѓусебната соработка во функција на поголем придонес на билатерален и на мултилатерален план. Пендаровски истакнал дека Македонија и како 30. членка на НАТО ќе продолжи со добрата армиска соработка со Босна и Херцеговина.
На средбата Пендаровски посочил дека е одлична можноста припадници на нашата Армија да се дообучуваат во центрите за обука на Босна и Херцеговина, а на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје да се образуваат питомци од Босна и Херцеговина, со што воената обука и образование ќе придонесуваат во развојот на армиската соработка.