Претседателот на Собранието, Талат Џафери се сретна со новоименуваниот амбасадор на Австрија во Македонија, Георг Вуцас.
Двајцата соговорници ги оцениле билатералните политички односи како пријателски, конструктивни и отворени и ја поздравиле сѐ поинтензивната економска соработка. Од наша страна била изразена благодарност за континуираната поддршка од страна на Австрија за процесот на проширување и вклучување на земјите од Западен Балкан во Европската унија, соопштија од Кабинетот на Џафери.
Џафери нагласил дека Македонија успеала да постигне конкретни резултати во спроведувањето на реформите и да постави позитивен пример за целиот регион на Западен Балкан.
– Државата нема отворени прашања со соседите и дава голем придонес кон регионалната соработка, стабилност и безбедност, а истовремено е докажан доверлив партнер на ЕУ во поглед на миграциите и борбата против тероризмот – се наведува во соопштението.
Двајцата соговорници изразиле разочарување од одлуката на Европскиот совет да го одложи одредувањето на датум за почеток на преговорите со Македонија. Џафери истакнал дека за нас е прифатлива нова методологија за пристапните преговори, но не и какви било евентуални алтернативи на процесот на приклучување и на полноправното членство во Европската Унија.
Амбасадорот Вуцас подвлекол дека Австрија не го смета Западниот Балкан како регион надвор од Европската Унија, туку смета дека неговата интеграција во Унијата треба да се забрза. Тој истакнал дека не само австриската Влада туку и австриските компании веруваат во европските перспективи на Македонија и заради тоа ги зголемуваат своите инвестиции во државата.
Претседателот Џафери и амбасадорот Вуцас размениле и мислења за претстојните предвремени избори во однос на уставните и законските рокови за нивно спроведување, а на крајот изразиле уверување дека силната поддршка на Австрија за полноправно членство на Македонија во Европската унија ќе продолжи и во иднина.