Македонија 19. март 2020. / 21:42

Спасовски: Тие што нема да ја почитуваат задолжителната самоизолација ќе бидат однесени во центар за карантин

Спасовски: Тие што нема да ја почитуваат задолжителната самоизолација ќе бидат однесени во центар за карантин

Техничкиот премиер Оливер Спасовски во гостување во емисијата Вин-вин на ТВ Телма, најави дека најверојатно утре ќе бидат донесат мерки со кои секој што не ја почитува наредбата за домашна изолација, автоматски ќе биде префрлен во центрите за карантин и повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките што им се наложени.

Имаме два типа на самоизолација – со решение за здравствен надзор лица кои се директно во контакт со лице со корона вирус и нив ги посетуваат патролни служби. Има неколку случаи каде што не се почитува решението за изолација и на нив веќе им се изречени парични казни. За затвор се уште нема. И луѓето кои се враќаат од државите со среден и висок ризок потпишуваат изјава дека ќе се држат до самоизолација. Најверојатно утре ќе донесеме одлука дека оние кои нема да бидат во самоизолација, а мора да бидат, при проверка ќе ги носиме во центрите за изолација. Затоа мојот апел е тоа што треба да го испочитуваат, да го испочитуваат – изјави Спасовски.

Тој потврди и дека капацитетите и на полицијата и на Армијата сега со вонредната состојба се ставени во функција комплетно и врз основа на тоа се подготвува план за подготвување и на едните и на другите.

Како дел од мерките за спречување на ширење на вирусот, Спасовски побара автошколите да не вршат ниту обуки, ниту полагање, а супермаркетите и аптеките да имаат редарска служба што ќе дозволува влез на луѓе во објектот и да два метри раздалеченост на луѓето што ќе бидат внатре.

Во врска со одложувањето на изборите, Спасовски истакна дека вонредната состојба налага носење брзи и ефикасни законски уредби и се прават анализи кој е најсоодветниот правен лек за одложување на изборите.

– Се прават анализи кој е најсоодветниот правен механизам за да дојдеме до одложување на изборите, бидејќи ние ја имаме политичката волја од лидерите на политичките партии дека треба да се одложат изборите и јас очекувам дека многу скоро, за кратко време ќе се донесе таа одлука и со тоа практично да ги отстраниме и тие бариери што ќе значат не само намалување на трошоците и продолжување со работа на ДИК, туку едноставно да ги намалиме и обврските во тој поглед и да се насочиме исклучиво кон проблемите предизвикани со коронавирусот. Јасно е дека нема да има избори бидејќи тоа е волјата на сите политички субјекти. Меѓутоа, вие мора да најдете правен механизам како тоа да го прекинете. И тука е клучната работа – вели Спасовски.

Тој информира и дека на седница на Влада донеле неколку уредби од Министерството за правда – одлагање на испити за извршители, нотари и се во функција за да се испочитуваат мерките на Владата да нема собирања, групирања на луѓе, а на тој начин, како што кажа, пак и да го прекинеме рокот што е ставен во законите и на тој начин да овозможиме да продолжат кога ќе прекинат условите во вонредната состојба.

Тој посочи дека во однос на универзитетите наставниот процес е прекинат.

– Немаме можност по закон да имаме онлајн настава што ќе биде признаена. Таму е поделикатно прашањето со испитните сесии. Треба да се подготват уредбите со кои ќе се направат измени. Ќе се носат одлуки за да бидеме заштитени и ние и студентите и образовниот систем – рече тој.

На прашањето колкав може да достигне бројот на заразени, Спасовски рече дека никој не може да направи реални проценки.

Епидемиолозите и сите оние кои работат во здравствениот систем прават скрининг на секој поединечен случај и врз основа на тоа се издаваат конкретни мерки. Во Дебар, за брачниот пар што се врати од Италија никој од 12 во комбето не беа заразени. И во Скопје како потенцијална можност да се разнесе локалната трансмисија луѓето се ставени во изолација – вели Спасовски.