Македонија 14. декември 2019. / 16:12

Спасовски не откри дали тој ќе биде технички премиер, сконцентриран е на уште еден мандат

Спасовски не откри дали тој ќе биде технички премиер, сконцентриран е на уште еден мандат

Заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната акција „Администрацијата чисти со Не биди ѓубре“ прашан дали тој ќе биде технички премиер по 3 јануари и дали е подготвен за таа позиција, посочи дека одлуката што ќе ја донесе СДСМ треба да се почитува, истакнувајќи дека тој ќе биде во битката за освојување на уште еден мандат.

Јас сум посветен и овие 20 дена сакам да ги одработам максимално посветено на проектите на Министерството за внатрешни работи и напоменав дека одлуките во однос на технички премиер, идна Влада и така натаму, ќе ги разговараат партиските органи и тела, а какви и одлука да донесат, тоа е одлука која треба да се почитува – нагласи Спасовски.

Министерот посочи дека тој што размислува само на која позиција ќе оди, не треба воопшто да биде на ниедна од позициите.

За мене е многу поважен интересот на граѓаните на Македонија, Македонија како држава, отколку каде јас ќе бидам по 3 јануари. Јас сакам максимално посветено добро да ја завршам работата, како што почнав во Министерството за внатрешни работи, а понатаму од 3 јануари знам едно сигурно дека ќе бидам во битката за освојување на уште еден мандат – потенцираше Спасовски.