Се најавуваат поригорозни казни за мотоциклистите кои министерот за внатрешни работи ги дефинираше како едни од најсериозните нарушувачи на безбедноста во сообраќајот.
По одредбите да се одземе возилото на самото место од полицијата, МВР размислува за уште поголеми казни.
Горлив проблем во сообраќајот и натаму остануваат брзото возење и нерегристрираните возила, а има и такви кои се движат без возачки дозволи, па покрај казните, МВР побара и свест од граѓаните.
-Секако знаете дека за прекршоците ние ги намаливме казните, меѓутоа за овие прекршоци за возење со прекумерна брзина и под дејство на алкохол, за поминување на црвено останаа највисоките казни, секако дека тука сме да ги ревидираме и ваквите политики, сето она што ќе даде најмногу ефект во спроведувањето, треба да биде дел од законските можности, рече Спасовски
Спасовски вели дека не можат преку ноќ да исчезнат сообраќајните незгоди, но дека работа со континуитет може да ги сведе на минимум. Според нивните статистики прекршоците се намалени од 35 до 70%, а со тоа се поретки се сериозните повреди како и смртноста во несреќите.
За несреќите на патиштата допринесува и тоа што нема доволен број на сообраќајна сигнализација.
-Тоа не е во наш домен ниту во домен на МВР, но за да се постават одреден број на сигнали на едно одредено место треба да бидат исполнети одредени услови каде што треба да се воведат тие светлосни сигнали. Тоа е според пропусниот број на моторни возила, пешаци, сообраќајни незгоди и останати елементи, рече Спасовски.
За поголема мобилност на полициските службеници, од денеска МВР на располагање има и 15 моторцикли, донација од републичкиот совет за безбедност на патиштата.