-Kвалитетната едукација на полициските кадри, постојаното надградување на поединечните знаења и искуства, независно за кои организациски единици станува збор, претставуваат, меѓу другото, едни од базичните претпоставки за успешно и динамично реформирање на Министерството во целина, рече министерот за внатрешни работи- Оливер Спасовски, при денешната посета на Центарот за обука на МВР.
Истовремено тие, во оперативен смисол, се есенцијални за поефикасно, стручно и професионално работење на сите припадници на Министерството.
-Токму Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи е онаа клучна алка, важна во системското функционирање на Министерството, во доменот на образованието и образовната надградба и специјализација. Оттаму сметам дека е од особена важност Центарот како организациска единица да го добива третманот што го заслужува, а во интерес на негово натамошно етаблирање како кредибилна, стручно и организациски оспособена единица во рамки на Министерството за внатрешни работи- рече Спасовски.
Во моментов, во Центарот за обука се реализира едногодишна обука за полицаец за избраните 550 кандидати за полициски службеници од класата 2018/2019 година. Обука којашто се одвива во три образовни модули на теоретско и практично образување на идните наши полициски службеници.
-За мене, односно за актуелното раководство на МВР, образовниот статус и едукација на полициските службеници е императив, впрочем и затоа сме денес овде, меѓу другото, уште еднаш јасно да ја демонстрираме таа наша заложба и поддршка, и ќе бидеме и натаму максимално отворени за сите предлози, идеи, иницијативи за натамошно унапредување на Центарот и негово трансформирање во модерна, по европски терк, стручно-образовна полициска институција- додаде Спасовски.