Tреба да се бориме радикално против криминалот и корупцијата и дека секој нелегално и бесправно стекнат имот треба да биде конфискуван, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски како последица на запленетиот имот во Охрид по налог на јавното обвинителство.
– Во сите години на независна Македонија имавме многу малку случаи на конфискација на имот. Тоа праќаше една порака до криминалните структури дека и покрај криминалните активности, стекнатиот имот нема да биде конфискуван. Сега начинот на работењето концептуално е сменет и кај МВР и кај Јавното обвинителство. Паралелно со сите постапки и истраги, се води и финансиска истрага и врз основа на наредбите што ги добиваме од Јавниот обвинител, ние постапуваме и не само конкретно за еден настан или случај туку за сите ќе се постапува така и понатаму и секој нелегално стекнат имот мора да биде вратен на државата, односно, на граѓаните. – порача Спасовски од Прилеп.
На прашање дали и колку бизнисмени досега во МВР пријавиле случај на изнуда или рекет, Спасовски вели дека има пријави и така треба да се постапува во случаите на изнуда и рекет.
– Имаме случаи на пријавување, но нивниот број во моментот не го знам. Се што е пријавено во МВР, ние сме дејствувале и дејствуваме. Сметам дека граѓаните сега се охрабрени да пријавуваат, затоа што институциите функционираат неселективно. Секој кој има закана, е предмет на уцена или добил барање на некаков финансиски надомест, да пријави, а ние да го сработиме и да пратиме порака до граѓаните дека во Македонија нема и не смее да има заштитени. – одговори првиот човек на МВР.
Спасовски ја нагласи потребата од одговорност без разлика кој е или е близок до одредени политички структури. Тој притоа потсети на апелите дека обвинителството и судството мора да застанат на свои нозе и да отворат перспективи во борбата против криминалот.