Македонија 19. ноември 2020. / 08:56

Советот за безбедност ќе одлучува за нови рестриктивни мерки

Советот за безбедност ќе одлучува за нови рестриктивни мерки

Денес ќе заседава Советот за безбедност кај претседателот на државава.

На дневен ред ќе биде само една точка – актуелната ситуација со пандемијата на Ковид-19 на територијата на државата, како и за мерките и активностите на надлежните институции.

Една од можните опции која се очекува од состанокот на Советот за безбедност е прогласување на кризна состојба на целата држава, со цел да се активираат армиските потенцијали и да се искористат армиските капацитети.

Можно е да се воведе и полициски час кој би траел од од 17 или 18 часот.

Претходно во интервју за ТВ 21 премиерот Зоран Заев истакна дека се размислува и за некоја форма на карантин или други рестриктивни мерки.

-Ги правиме анализите и ќе стигнеме до следните чекори. Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски час од 21:00 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17:00 или од 18:00 ќе има подобри резултати и сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски и можно е таму да се дефинира некоја од мерките, рече Заев.

На десеттата седницата, што ќе се одржи напладне во „Вила Водно“, покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува министерот за здравство, Венко Филипче.

Последната седница на Советот за безбедност беше на 29 октомври. Тема и тогаш беше состојбата со Ковид-19.