Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, информираат од Министерството за внатрешни.
Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.
-Изминатово деноноќие, во периодот од 07.00 часот на 30.03. до 07.00 часот на 31.03.2020 година, едно лице од Дебар не ја почитувало забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19. Против него ќе биде поднесен соодветен поднесок. Во Дебар се извршени 29 контроли на евидентираните лица со решение за изолација, а истовремено се евидентирани 15 нови лица во самоизолација и спроведени се 95 контроли врз лицата во самоизолација, соопштуваат од МВР.
Оттаму информираат дека непречено се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација а денеска од Дебар ќе биде извршен спровод на две лица.
Од полицијата потсетуваат дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.
-Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, потенцираат од Министерството за внатрешни.