Јавното обвинителство неделава ќе сослуша доста сведоци во рамки на истрагата за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, а очекува да бидат преземени и доказите барани од Република Албанија, изјави јавната обвинителка Вилма Русковска, која ја води истрагата за бегството на Груевски во Унгарија.
– Во текот на оваа недела ќе бидат сослушани доста сведоци во таа насока, а се надевам дека исто така во текот на оваа недела ќе бидат преземени и доказите кои беа барани од Република Албанија, изјави Русковска.
Прашана што досега имаат и до каде е истрагата, Русковска, рече дека кога ќе имаат нешто поконкретно ќе го соопштат.
Во однос на сведоците и дали меѓу нив можеби ќе има блиски роднини на Никола Груевски, обвинителката Русковска рече дека блиски роднини нема да има.
– Блиски роднини нема да има, тие што го обезбедуваа беа сослушани. Ова ќе бидат други сведоци, изјави обвинителката Русковска.