Адвокатката Ирена Фрчкоска сопруга на Љубомир Фрчкоски е нов застапник на притворената специјална јавна обвинителка Катица Јанева, пишува 360 степени.
Фрчкоска доаѓа на местото на адвокатот Стеван Павлески, кој минатата недела се откажа од застапување на Јанева. Со оглед дека пред да се откаже од Јанева, Павлески тврдеше дека ќе докаже оти таа е жртва, ја прашавме и новата адвокатка на Јанева што мисли за поврзаноста на шефицата на СЈО со аферата „Рекет“.
Се уште не можам да коментирам во однос на одбраната. Немам направено увид во доказите, вели Фрчкоска за „360 степени“.
Адвокатката не сакаше да одговори на прашањата на 360 степени за тоа како Катица Јанева го поднесува притворот и дали има забелешки за условите. Фрчкоска не видела ниту едно писмо на Јанева оти вели дека тие се испраќаат по службен пат, односно преку притворската служба до судија на претходна постапка, а оттаму до институциите кон кои се адресирани.