Македонија 02. декември 2018. / 15:13

Собраниската расправа продолжи: Се бришат одлуките на АСНОМ од Уставот

Собраниската расправа продолжи: Се бришат одлуките на АСНОМ од Уставот

Пратениците во Собранието на Република Македонија во продолжението на 64. седница денеска расправаа по текстот на 34. нацрт амандман на Уставот на Република Македонија, со кој се интервенира во Преамбулата на Уставот и зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.

Собраниската расправа продолжува по паузата од еден час.

Никола Мицевски, од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека власта на референдумот не добила легитимитет за промена на Уставот и дека со амандманот 34 се бришат и закопуваат длабоко за навек сите државотворни одлуки на АСНОМ, со што се брише почетниот момент на уставна изградба на македонската држава и се создава целосно нова држава.

– Одлуките на АСНОМ повеќе не се спомнуваат во Преамбулата на Уставот. Со амандманот 34 се бришат одлуките на АСНОМ како конститутивни акти во процесот на создавање на Република Македонија и на нивно место го вметнува единствено прогласот од првото заседание на АСНОМ и Охридскиот рамковен договор. – рече Мицевски.

Според пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ, државата со ново име не е нова држава и дека не се губи ништо.

– Како може да се избришат одлуките на АСНОМ. Ништо не се брише со тоа што се става прогласот. Единствено се брише, затоа што во него стои дека македонскиот народ треба да се обедини. Тоа е причината и ништо не се губи, во прогласот се содржани сите одлуки од АСНОМ. – рече Тунтев.

Министерот Никола Димитров, во реплика на опозицијата, рече дека немаме проблем да ги наведеме сите одлуки на АСНОМ, конкретизирајќи дека се работи за правни и државотворни одлуки.

– Ние немаме проблем ако сакаме сите правни државотворни конститутивни одлуки на АСНОМ да ги ставиме во преамбулата или сето тоа со една синтагма да го дефинираме како државотворни и правни одлуки на АСНОМ. Нема проблем со правните одлуки во однос на АСНОМ, но имаме проблем со политичките декларации, кои што во духот на тоа време 1944-та година не соодветствуваат со духот на денешното време 2018-та година. – рече Димитров.

Според него, не треба да се гледа на Договорот, само како на цел за одење напред кон ЕУ и НАТО, туку треба да се гледа и од еден друг аспект, а тоа се идентитетските прашања.

– Ние практично предизвиците за македонското прашање, за идентитетот на Македонците и на македонскиот народ и дека зборуваме македонски јазик го затвораме со овој договор, укажувајќи дека нашата држава Македонија не е целиот регион и се наоѓа во северниот дел, ама тоа не не прави помалку Македонци и помалку Македонија. – рече Димитров.

Претходно пратениците со 67 гласа „за“, четири „воздржан“ и 23 „против“ го утврдија нацртот на амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија, со кој се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.