Дали пописот ќе биде статистичка или политичка операција, беше клучното прашање околу кое се расправаа пратениците попладнево. Владејачкото мнозинство остана на ставот дека Предлог-законот што треба да се донесе по скратена постапка е транспарентен и објективен, а опозицијата, квалификувајќи го како паушално решение и алатка за демографски и етнички инженеринг, повторно побара негово повлекување и отворање широка јавна дебата со цел постигнување општествен консензус.
Според ВМРО-ДПМНЕ, пописот е политички договор меѓу СДСМ и ДУИ за опстанок на коалицијата и за задоволување на внатрепартиските барања, со однапред утврден исход, а резултатите што ќе се добијат од него, нема да бидат релевантни, ниту ќе ја отсликуваат реалната состојба во државата.
Ваквите констатации СДСМ ги нарече копи-пејст реплики и уште еднаш потенцира дека пописот ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди. Опозицијата мора да сфати дека ова е статистичка операција, а не политички заговор, порача СДСМ.
-Надминете ги внатрепартиските договори во интерес на граѓаните и државата и повлечете го законот, овозможете широка јавна дебата за да се најде општествен консензус чие немање ќе предизвика дологорчни штети. Пописот е многу важна операција која треба да биде статистичка, но кај нас, за жал, како што се предлага, ја надминува таа форма и преминува во политичка која ќе има огромно влијание врз идниот развој на државата. Затоа е неопходен широк општествен консенсуз, партиски, етнички, стручен. Тврдам дека ова што го предлагате не е попис, туку политички договор меѓу СДСМ и ДУИ за опстанок на коалицијата, за задоволување на внатрепартиските барања, со однапред договорен исход, истакна Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Реплицираше Диме Велковски од СДСМ со прашање до колегата од опозицијата – дали земјава треба да чека попис уште 20 години.
– Предлог-законот гарантира попис согласно сите меѓунарони стандарди, дигитализиран и според Евростат, нагласи Велковски.
ВМРО-ДПМНЕ уште едаш кажа дека не е против пописот, туку против начинот предвиден за негово одржување.
-Имаме против насилен попис кој нема да ја отслика реалноста во државата и против начинот на кој ќе се спроведе. Мора да се разграничи државјанството со резидентноста. Не смее државјанството да биде единствен критериум, туку мора да е вклучена и резидентноста. Со овој предлог-закон ќе се попишат луѓе кои со години не живеат тука. Тоа ќе ги доведе во прашање веродостојноста и релевантноста на резултатите од пописот. Дополнително, попишувањето е предвидено без покажување каков било доказ или лична идентификација, укажа Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ, дополнувајќи ја својата дискусија со забелешката за врзаниот потпис меѓу директорот на ДЗС и неговиот заменик.
За збор се јави и Борислав Крмов од Левица. Рече дека законот се турка по секоја цена.
Расправата која е во рамки на 29. собраниска седница ќе продолжи утре во 12 часот.