Собранието на Република Македонија, повторно го изгласа Законот за ратификација на договорот за промена на уставното име.
Пратениците со 69 гласови „за“ по втор пат го изгласаа Договорот од Преспа, откако претседателот Ѓорѓе Иванов одби да го потпише указот за првото гласање на овој Закон.
Во собраниската сала не присуствуваа пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја напуштија салата пред да започне гласањето.
Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните во трето читање беше единствена точка на дневениот ред на 54. седница на Собранието.
Минатата недела во Собранието на Република Македонија беше доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.