Македонија 24. октомври 2018. / 13:45

Собранието ја заврши 50.седница и ја почна 45.седница

Собранието ја заврши 50.седница и ја почна 45.седница

Собранието на Република Македонија во рамки на 50. седница не го усвои заклучокот дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој не е прифатлив и да не се проследи на натамошно читање.

Панчо Минов од ГРОМ рече дека Законот се однесува на доуредување на проблематиката што се однесува на откупот на земјоделски производи.

– Имаше проблеми со откупот на сите земјоделски производи. Тоа е така години наназад, рече Минов и додаде дека предлага да има воведување банкарска гаранција за секој сериозен откупувач за планираниот откуп да обезбеди финансиска гаранција дека откупеното навремено ќе го плати, истакна Минов.

Според него, треба да се прецизира, да се даде право, и лиценца на откупувачот да откупува ако ги има подмирено сите долгови по сите основи за претходни години откупени земјоделски производи.

Додаде дека со предложените измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој, ќе се обезбеди поголема сигурност при откупот на земјоделските производи, како и условите за користење, обврската за склучување на договор пред откупот на земјоделските производи, навремено истакнување на откупните цени за винското грозје, прецизирање на условите за роковите за исплата на винското грозје и субвенционирањето на откупувачите.

Диме Велковски од СДСМ рече дека добро се забележани во предлог законот деновите во кои треба да изврши исплаќање на откупните цени кои треба да бидат предвремено дадени и за тоа се согласуваат.

– Но, не е возможно да се постигне со законско решение во однос на предложената банкарска гаранција, бидејќи и сега сите откупни центри имаат можност да добијат кредит со банките. Државата не може да и наложи на која било банка да даде кредит. Затоа тие односи се реализираат врз основа на понудата и побарувачката, конкуренцијата. Државата мора и ќе помага во делот на оваа сфера, како што помага во делот на Ипард програмите, додаде Велковски.

Во рамки на истата седница Собранието за нови членови на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување ги именува Сулејман Ахмеди, Злате Симоновски, Александра Кокароска.

По оваа седница, Собранието ја продолжи работата по 45.седница. Претседателот на Собранието, Талат Џафери рече дека по Предлог-закон за дополнување на Законот за празниците на Република Македонија во прво читање ќе расправаат откако за него ќе расправа Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Тој посочи дека по Предлогот за именување неизвршен член на Советот на Народната банка на Република Македонија гласањето ќе се гласа по завршување на седниците на работните тела.

Собранието во рамки на истата седница го усвои предложениот заклучок дека нема потреба од давање автентично толкување на член 21 став 1 од Законот за платниот промет, од автентично толкување на член 5 од Законот за Државно правобранителство и од автентично толкување на член 13 од Законот за изменување на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги поднесено од Народниот правобранител.

Седницата ќе продолжи во 13 часот.