Собранието доцна вечерва изласа предлог законот за ЈО и измените на Законот за Совет на јавни обвинители да се носта по скратена постапка.
За предлог законот за ЈО гласаа 95 пратеници, од нив 63 беа „за“, а 32 „против“.
Во образложението зошто се бара овој закон да се носи во скратена постапка, министерката за правда Рената Дескоска рече дека за законот се дебатира повеќе од една година и ова е веќе трета верзија на текстот. Таа посочи дека стратешка цел на земјата се евроинтеграциите и отворање преговори со ЕУ, а со оглед на тоа што се укажува на значањето на овој закон за тоа, неопходно е тој да се донесе по скратена постапка.
За носење на измените на Законот за Советот на јавни обвинители по скратена постапка гласаа 91 пратеник, од кои 59 „за“ и 32 „против“.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски побара расправата за предлог законот за ЈО да се тргне од точка на дневниот ред што не доби поддршка од пратениците.
Тој ова го бараше, како што рече, од строго формални правни процедури да се тргне точката од дневен ред бидејќи нема предлагач на законот.
Имаме материјал кој ни е поделен како предлог на закон за кој не постои одлука на Владата дека се поднесува во собраниска постапка ниту пак има одлука за повлекување на претходниот закон. Имавме текст кој го повлече Владата со допис од техничкиот премиер, имаме текст на закон кој е примен со потпис на техничкиот премиер. Техничкиот премиер и било кој друг премиер нема право да биде предлагач во име на владата, туку тој потпишува одлуки донесени на владина седница. Владата нема донесено одлука, ова е најгрубиот фалсификат кој се случил во процедурата на Собранието досега, рече Димовски.
Откако не беше прифатен предлог на пратеникот да се тргне од дневен ред законот за ЈО, а пред да ја затвори седницата, претседателот на Собранието Талат Џафери побара од претседателите на Комисијата за европски прашања и на Законодавно правната комисија да закажат седници на кои ќе се расправа за законските решениеја пред тие да се најдат на пленарна седница.
Бидејќи станува збор за законски решенија во скратена постапка и со европско знаменце, комисиската расправа може да трае до два дена. Тоа би значело дека уште во среда претседателот на Собранието може да закаже продолжение на пленарната седница на која ќе треба да се изгласа Законот за јавно обвинителство и измените на Законот за Совет на јавни обвинители.