Македонија 19. октомври 2018. / 10:08

Собранието финишира со расправата околу уставните промени, голема неизвесност пред гласањето

Собранието финишира со расправата околу уставните промени, голема неизвесност пред гласањето

Денеска на пладне започнува завршниот дел на дебатата за предлогот на Владата за пристапување кон уставни измени. Неизвесно е дали СДСМ со коалицијата успеале да обезбедат 80 пратенички гласови кои ќе дадат поддршка за уставните амандмани. Ќе почне ли постапката за имплементација на Договорот од Преспа или ќе се трча на предвремени избори?

Од противничките табори официјално нема информација како ќе се изјаснат народните избраници.

По речиси една година, можност да се појават во пленарната сала имаат пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, обвинети за нападот во Собранието 27 април, кои со понудените гаранции излегоа на слобода. Од петтемина обвинети пратеници, освен Крсто Мукоски, на слобода се и Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.

Многуте шпекулации дали ослободувањето на Василевски и Арнаудов е поради гласањето ќе се разјаснат денеска.

Пратениците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од дебатата, освен Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија. Многу комбинаторики, убедувања и обвинувања, но барем навидум и власта и опозицијата останаа на првичните ставови.Во разубедувањата, барем за јавноста, не помогнаа ниту пораките од Брисел, ниту оние од САД.

Уште десетина пратеници, според наши информации, се останати на листата на дискутанти за предлогот за пристапување кон уставни измени.

Проценките се дека расправата најверојатно ќе заврши во текот на денот, иако според Деловникот, по затворањето на расправата, а со оглед на неизвесноста, гласањето може да се закаже и за друг ден.
За да се пристапи кон промена на Уставот, согласно со договорот од Преспа, во првата фаза од постапката треба да се обезбеди двотретинска поддршка, односно најмалку 80 гласови. Доколку ова не се реализира, предвремени брзи избори се извесни веќе во месец декември.