Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска ја искористила својата позиција за да си го вработи внукот како обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, обвинува „Инфомакс“.
Според податоци на порталот, за да се покрие од евентуални законски последици за оваа постапка, Рускоска побарала и официјално мислење од Антикорупциската комисија, која еднакво скандалозно донела мислење дека внук не е роднина.
Како што пишува „Инфомакс“, тоа е особено проблематично ако знаеме дека со ваквата одлука Антикорупциската комисија е контрадикторна сама на себе. Во самиот образец на ДКСК за пријавување на ангажман на блиски лица во објаснувањето на образецот јасно е посочено дека внуци се „блиски роднини“.
Порталот потсетува дека истата комисија, минатата година го казнила првиот човек на Советот на Јавни обвинители Коле Штерјев со глоба од 500 евра и прекршочна постапка бидејќи гласал воздржано на седницата на која неговата внука Марија Ѓорѓиева требало да се вработи во Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Од Антикорупциската комисија за „Инфомакс“ велат дека мислењето кое го дале во предметот на Вилма Рускоска е условено, односно, доколку се задржи актуелната состојба во која Вилма Русковска како именувана за прв човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција не се врати на работа во ОЈО Скопје како обвинител, тогаш немало да има судир на интереси при вработувањето на нејзиниот внук кој во моментов работи како обвинител во ОЈО Куманово.
Eксминистерот за правда и бивш прв човек на Антикорупциската комисија Михајло Маневски за „Инфомакс“ вели дека ДКСК ги прекршила процедурите.
– Антикорупциска комисија не ги земала предвид сите елементи за да заземе такво становиште да одобри префрлање на внукот на Рускоска во ОЈО Скопје од ОЈО Куманово. Од каде сега Антикорупциска стручњаци за јавни обвинители, тоа не е нивна работа, јасен е законот – вели Маневски и додава дека ова треба да го цени Советoт на јавни обвинители, а не Антикорупциска.
Како што пишува „Инфомакс“, за да биде поубедлива во прикривањето на непотизмот, Вилма Рускоска дури и приложила нотарски заверена изјава пред ДКСК во која се откажува од нејзиното работно место во ОЈО Скопје кое во моментот е ставено во мирување поради тоа што е именувана на функцијата шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Нотарски заверена изјава е јавна исправа, а, како што пишува „Инфомакс“ ја објавуваат поради јавниот интерес.
„Инфомакс“ пишува дека се обиделе да добијат одговор од првиот човек на Државното обвинителство Љубомир Јовевски, кој не одговорил на повиците и смс пораките. Од Советот за јавни обвинители, пак, ја спуштиле слушалката без да го слушнат прашањето, завршува текстот на „Инфомакс“.