Mинистерот за внатрешни работи, Наќе Чулев вчера попладне испратил телеграма во Министерството за внатрешни работи со која бара да се вратат триесетина возила меѓу кои и возила што ги користело обезбедувањето на неговиот претходник и сегашен технички премиер, Оливер Спасовски.
Чулев вели дека возилата се користеле несоодветно и тврди дека телеграмата била испратена во рамките на постапувањето согласно процедурите.
– Постапување согласно законите, процедурите и позитивните законски прописи е начинот на кој што работи актуелното раководство на Министерството за внатрешни работи. Водењето сметка за инвентарот и опремата на министерството за внатрешни работи не е ‘спорна одлука’ туку само е еден дел тоа постапување. Без да сакаме да навлеземе во дневно политички интриги креирани од партиските кујни на СДСМ, најостро ги демантираме наводите и невистините објавени во текстот и апелираме до медиумите и новинарите да ги почитуваат принципите на етичко известување. За волја на вистината од десетици возила за кои е утврдено несоодветно користење, само едно е вратено, а останатите сеуште се користат надвор од правилата и процедурите на МВР – изјави Чулев во изјава за „Фокус“.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија фотографии од службените возила на МВР.
– Она кога службени коли на МВР се кријат во подземни паркинзи во Џеваир Скај Сити, неопходни за апашлукот на криминалците и рекетарите на чело со Оливер Спасовски и опинокот од Муртино – објави страницата „Бојкотирам“.
Дополнителната заменик министерка во Министерството за внатрешни работи, Славјанка Петровска потврди дека по барањето на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев за враќање на возилата, досега е вратено само едно и порачува дека другите возила нема да бидат вратени.