Судијата Огнен Ставрев објави дека ТНТ се враќа од почеток. Причина за такво нешто е тоа што поротничка Лилјана Кочковска Ивановска денеска си поднела неотповиклива оставка од здравствени причини. Таа писмено го известила Кривичниот суд дека се повлекува.
Ова е нејзино второ повлекување. Првиот пат поднесе оставка, но беше предомислена од претседателот на Кривичен, Иван Џолев.
На денешното рочиште за случајот „ТНТ“ не присуствуваа обвинетите Тони Трајковски и Елизабета Најдовска. Како причина за нивното не доаѓање од страна на одбраната беше истакнато дека не добиле покана да присуствуваат на рочиштето.
Адвокатот Јовица Страшевски се појави на рочиштето на ТНТ, но неговиот клиент Тони Трајковски не. Според Страшевски, сопругата на Трајковски го известила дека Кривичен суд не испратил покана до Трајковски да присуствува на судењето.
На суд не се појави ниту Елизабета Најдовска, а како што информираше нејзиниот адвокат Мерхан Даути, обвинетата не добила покана за рочиштето.