Специјалното Јавно Обвинителство продолжи со презентација на своите докази на денешното рочиште за случајот „Тортура“, кој се однесува за апсењето на Љубе Бошковски а во кој обвинети се директорот на УБК Сашо Мијалков и алфите кои го апселе Бошковски.
СЈО прво ги прикажа па потоа побара повлекување на доказите, што беше одбиено од страна на одбраната која побара тие да останат дел од процесот.
Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, рече дека сите докази кои до сега ги презентирале од СЈО се во негова корист.
-Се што до сега видовме е во наша корист, рече Мијалков.
СЈО претходно за овој случај говореше дека има несоборливи докази, а на денешното рочиште можевме да видиме дека ги повлекува своите докази. Што според познавачите на правото, претставува апсурд сам за себе.
Обвинителите на Катица Јанева презентираа десетици снимки од неколку камери на МВР со кои било документирано апсењето на Љубе Бошкоски и собирањето и форензичката анализа на доказите.
На една од снимките е прикажано како крим-техничарите земаат отпечатоци од доказите кои ги собраа „алфите“ при апсењето на Бошкоски. Техничари од МВР со бели ракавици ги вадат банкнотите од по 100 евра и ги запишуваат сериските броеви.
Ваквата пракса на јавно прикажување на доказниот материјал, дојде откако претходно адвокатите на обвинетите побараа доказите да се прикажуваат јавно за да не може да се манипулира јавноста. Но, со прикажувањето, се чини, изгуби СЈО.
По денешното прикажување на снимките, одбраната истакна дека тие потврдуваат дека во апсењето на Бошковски нема кривично дело и дека снимките го потврдуваат токму тоа, на што од СЈО немаа одговор и само побараа снимките да бидат тргнати од доказниот материјал.
Ова пак, беше одбиено од адвокатите на обвининетите, кои инсистираа снимките да останат во доказниот материјал, затоа што ја потврдуваат нивната невиност.
Станува збор за очигледен правен апсурд, затоа што доказите на СЈО, всушност ја докажуваат невиноста на обвинетите, по што станува јасно дека во небрано, од обвинителството ги повлекуваат доказите.
Еден од главните аргументи на одбраната е дека се работи за фабрикуван политички случај, затоа што кога бил уапсен, Љубе Бошковски немал никаков приговор на начинот на апсење.