Македонија 27. April 2018. / 10:02

Слаѓана Тасева: Кочо Анѓушев ми се заканува поради обелоденувањето на случајот со ФЕНИ

Слаѓана Тасева: Кочо Анѓушев ми се заканува поради обелоденувањето на случајот со ФЕНИ

,,Анѓушев се закани: ќе одам до крај, ќе те тужам, знаеш ли кој сум јас, јас сум најмладиот доктор на науки! Сето тоа со агресија, ароганција, и со неговиот бодигард до него, на приемот на Британскиот амбасадор.

Јас такво закана и агресивност не сум доживеала ниту во Авганистан каде некои од луѓето во власта се воени лордови. Тие што синока стоеја до мене останаа шокирани! Ова ли е владата за која одевме по улиците?

Очигледно случајот Фени и мониторингот над стечајот што е во тек, вознемири многумина, а најмногу именуваниот. Постојано бара да гледаме што било пред тоа, односно кој крадел порано, а не што се прави сега.

Господа, криминалот и работењето пред стечајот нека го истражат и докажат институциите. Ние правиме мониторинг на тоа како се води стечајот денеска. А таму има проблем, стечајот НЕ се води добро.

И затоа има паника“.

Ова го напиша на својот ФБ профил, Слаѓана Тасева, претседателка на ,,Транспаренси Интернешенел“ за Македонија.

Таа пред неколку дена објави дека мониторингот за стечајната постапка на Фени покажал бројни неправилности.

Истражувањето покажало дека непозната компанија добила тендер за обработка на никел, но не е познато кој го потпишал договорот во нивно име. Организацијата ги обвинува стечајниот управник и стечајниот судија за корупција, поради што е покрената и тужба против нив, објави тогаш Тасева. Истрагата е покрената по претставка од фирмата “Cunico Resources” , кои тврдат дека Анѓушев вмешал прсти во нелегален бизнис на компанијата.

Тасева објави дека копија од писмото е испратена до седиштето на Транспаренси во Берлин и Брисел, како и до премиерот Зоран Заев.

На ФБ профилот на Тасева, новинарот на ТВ 24, Владимир Тевчев, напиша дека и тој добил закани од Анѓушев:

,, Многу слично доживеав и јас од споменатиот вицепремиер пред неколку дена, на пуштањето на автопатот Демир Капија – Смоквица, кога ме викна да ме кара оти наводно сум го “растурил” за Фени во моите прилози, а како Велешани, требало да се штитиме. Замислете ја сцената – вицепремиер на среде автопат демонстрира сила и моќ над новинар!“-пишува Тевчев.

Јове Кекеновски го повика премиерот Заев да реагира:

,,Немојте да подглегнувате на притисокот од негова страна. За вакви јавни закани се знае што треба да направи премиерот. Доколку не знае ке му кажам дека е потребно од него да побара јавно изивнување кон Вас и јавноста, па потоа да му се заблагодари и да побара од институциите објективно да си ја завршат работата. На ред е премиерот Заев“-вели Кекеновски.

Инаку, вицепремиерот Кочо Анѓушев, по објавувањето на извештајот на ,,Транспаренси…“, побара ,,подлабока истрага за тоа зошто кавадаречки Фени отиде под стечај“. Тој пред два дена ги охрабри и повика сите невладини организации и ,,Транспаренси Интернешенал“ да направата подлабински анализи од самиот почеток на создавање на проблемот до денес. Посочи дека Фени е пример како еден стечај на голема компанија може да заврши транспаретно и коректно, да продолжи да работи , а притоа сите вработени да останат на работа.