Македонија 14. ноември 2018. / 11:38

СЈО нема да бара притвор за Мијалков, бил редовен на суд – редовен беше и Јанакиески, па побараа

СЈО нема да бара притвор за Мијалков, бил редовен на суд – редовен беше и Јанакиески, па побараа

Специјалното јавно обвинителство нема да бара притвoр за Сашо Мијалков кој е еден од обвинетите во случајот „Империја“ и покрај тоа што неговиот братучед осудениот пратеник Никола Груевски побегна во Будимпешта и бара политички азил.

„Има веќе мерки за Сашо Мијалков и тој ги почитува мерките, како што ги почитуваше и Никола Груевски, се појавува на суд и сметавме дека е доволно. Сега веќе ќе се прават други проценки, но мислам дека за Сашо Мијалков нема да се бара притвор“, кажа Јанева гостувајќи на 1ТВ.

Миле Јанакиески и Кирил Божиновски исто така беа редовни на судењата, па тоа не беше пречка за СЈО да побара притвор по што тие утринава беа приведени.

Според познавачите на состојбите, ова е потврда за пазарот на Мијалков со власта. Во исто време, јавноста се повеќе говори дека премиерот Зоран Заев и првиот човек на МВР, Оливер Спасовски знаеле за бегство на експремиерот Никола Груевски и не преземале ништо околу тоа.

Јанева кажа дека на суд ќе ги докажат бизнис релациите меѓу Орце Камчев и Сашо Мијалков, кој стои зад фирмата „Ексико“, колку пари се испрани преку неа и кој ги присвоил тие пари.

„Не е точно дека Орце Камчев нема бизнис релации со Сашо Мијалков, ќе се докаже на суд. Тоа се гледа и во разговорите. Нема директни телефонски разговори меѓу нив двајца бидејќи не биле таргет тие двајца, но имаме други разговори меѓу Камчев и негови блиски лица кои биле таргет“, рече Јанева.

Одговарајќи на прашањето дали од сега притворениот Орце Камчев додека траела предистражната постапката добила закани, Јанева кажа дека имало најразлични притисоци, повеќето биле директни и затоа само таа и обвинителката Лиле Стефановска знаеле за акцијата за приведување на обвинетите во „Империја“, Јордан Камчев, Кристина Камчева, Ратка Куновска Камчева, Зорица Арсова, Ненад Јосифовиќ, Сашо Панделевски.

Специјалното јавно обвинителство на 9 ноември отвори истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.