Македонија 25. јануари 2020. / 19:27

Синдикат на Клинички контра Ректорот на УКИМ: Не може друг во име на работниците да основа синдикат

Синдикат на Клинички контра Ректорот на УКИМ: Не може друг во име на работниците да основа синдикат

Синдикатот на Клинички реагира на изјавата на Ректорот на УКИМ, според кого, формирањето на синдикална организација на универзитетите не е спротивно со ниеден закон, а во врска со иницијативата за формирање Синдикат на УКИМ.

Од Синдикатот на Клинички се спротиставија на изјавата на ректорот велејќи дека е неоснована.

– Одредбата на членот 220 од ЗРО, (на која се повикува ректорот), се однесува на веќе легитимно постојни страни кои склучуваат поединечен колективен договор за јавни претпријатија и јавни установи, и гласи „Поединечен колективен договор за јавните претпријатија и јавните установи склучуваат основачот или органот кој тој ќе го овласти и репрезентативниот синдикат кај работодавачот“, се вели во соопштението од Синдикатот на Клинички.

Оттаму додаваат дека во суштина се работи за погрешно толкување на споменатата одредба како да истата се однесува и на иницијатива за формирање на нова (непостоечка) синдикална организација.

– Согласно Уставот, во Законот за работните односи како општ закон, во член 184 е изричито речено: „(1) Работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. (2) Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси“, а во член 195: „Работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво, ниту со цел на таков надзор смеат да ги финансираат или на друг начин потпомагаат синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво“, се вели во соопштението.

Тоа значи, велат од Синдикатот на Клинички, дека се работи за неотуѓиво право на работниците да тие покренуваат иницијатива и да основаат синдикат, и дека тоа во нивно име не може да го направи било кој друг субјект.

Дополнително, велат оттаму, синдикатите се противат на иницијативата за формирање на Синдикат на УКИМ, Скопје, затоа што потекнува од Министерот за образование, а се спроведува или треба да се спроведе преку останатите работодавачи (Ректори, Генерален секретар на УКИМ, единици) што претставува флагрантно кршење на Законот и директно мешање на власта во синдикалното организирање.

– Синдикатите не се противат на основање на синдикални организации во јавните универзитети, вклучително и синдикална организација на УКИМ доколку постапката за основање е согласно Уставот, Законот за работните односи и меѓународните конвенции, велат од Клинички и додаваат дека од изнесеното во изјавата на Ректорот на УКИМ видливо е дека автономното функционирање на Синдикалната организација на УКИМ ќе се случи откако истата ќе ја формираат Министерот за образование и наука и ректорите на јавните универзитети преку Генералниот синдикат на УКИМ и единиците (факултети и научни институти) со единствена точка на колективниот договор да биде покачувањето на платите од 10%, а потоа тие како многу принципиелни „ниту ќе имаат намера, ниту ќе вршат притисок на некого, и ќе им дадат слобода да си одлучат како ќе си работат“.

Од Синдикатот на Клинички веелат дека жалат оти ваквиот пример им укажува на кое ниво е синдикалното организирање во Македонија.

– Што да се каже за најстарата високообразовна институција во Македонија и нејзиниот тековен капацитет за продукција на личности со силен интегритет и морал, кога првиот човек на таа институција изјавува дека „без оглед на репрезентативноста на високото образование во СОНК, штом добиле вакви напатствија ќе работат според нив“, при што напатствијата се добиени од Министерот за образование и наука, велат од Синдикатот на Клинички.

По ваквиот став од Ректорот на УКИМ, во понатамошните препирки, и разговори доколку дојде до нив, од Синдикатот на Клинички центар велат дека ќе ги водат исклучиво со Министерот за образование и наука.

– На Ректорот на УКИМ, Генералниот секретар на УКИМ и на оние кои во името на единиците во рекордно време за еден ден и половина успеале да постигнат репрезентативност, повторно им укажуваме дека извршиле дејствија спротивни на Законот, и ги советуваме веднаш да се повлечат и да ја прекинат целата постапка. Истовремено, им даваме на знаење дека ќе останат трајно жигосани од вработените во универзитетските клиники и центри, Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје и пошироко, исто онака како што се оние кои учествуваа и го организираа во слично рекордно време, синдикатот „Мајка Тереза“ по нарачка од тогашната власт, како контрасиндикат на Синдикатот на Клинички центар, велат од Клинички.