Професорката Гордана Силјановска Давкова, денеска на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ ја побара поддршката од делегатите, да биде избрана за претседателски кандидат.
Силјановска, која што има богата професионална биографија и е омилена кај студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, даде неколку причини зошто таа треба да ја изберат за кандидат на претстојните избори.
Професорката даде краток историски осврт, дека нациите се создадени пртежно во 19 век, па така никоја нема право да се наметнува над друга. Согласно меѓународното право на самоопределување, ниту една нација не смее да и каже на друга да си го промени идентитетот.
Промената на името е промена на идентитетот, кажа Силјановска.
– Идентитетот е во придавката и ние тоа мораме да го потенцираме. – рече професорката и додаде дека одлучи да го бојкотира референдумот за промена на името зошто тој референдум беше против сите домашни и меѓународни правни норми.
Понатаму во излагањето Силјановска кажа дека потребна е реорганизација на власта, односно дека е срамота сиромашна држава како Македонија да има 28 министерства, а Швајцарија 7. Таа укажа и на намалување на заменичките места.
– Ќе формирам експертски правен тим, од домашни и странски професори по меѓународно јавно право, зошто малите држави се повикуваат на правото, а големите на силата. – рече Силјановска и додаде дека прашањето за името на Република Македонија сеуште е отворено.
Пред меѓународните судови и институции во секоја средба ќе укажува на тоа дека за неа владеењето на правото е врвната цел.
– Се што е спротивно на меѓународното право, еден ден може да биде поништено. Истото важи и за Република Македонија. – поентира Силјановска.