Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова денеска беше на конгресот на Демократската партија на Србите во Македонија, што се одржа во Хотел „Холидеј Ин“.
– Слоганот на конгресот на српската партија „Мудро, одлучно, ми знамо зашто“, важи за сите граѓани на Република Македонија. Да се биде мудар, одлучен во овие времиња е исклучително важно и сите знаеме зошто. Затоа што Македонија не се гради како граѓанска, мултиетничка, мултиконфесионална, туку како бинационална и билингвална држава во која за граѓаните немаат исто значење. – констатира Силјановска.
Постоењето на поделени институции, една за една заедница и друга за помалите заедници е спротивно на Уставот, но и на европските принципи, смета професорката.
– Постоење на една институција за една заедница и друга за помалите заедници е спротивно и на Уставот и на европските принципи и создава услови за дискриминација на таканаречените помали заедници иако ниедна етничка група или дел од народ не смее да биде нарекувана мала. Комитетот за односите меѓу заедниците е најдобар пример за оваа дискриминација против која заедно ќе се бориме. И Србите и сите други граѓани имаат право да бидат еднакви пред законите и јас верувам дека ќе се борам за таа дискриминација да запре, затоа што сите сме исти пред законите. – кажа Силјановска.