Не може да има добра политика, а да нема критика, рече кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова во својот говор на Конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска смета дека време е Република Македонија да ја добие својата прва жена претседателка.
– Јас бев во политиката едно кусо време и мислев дека тоа не е мојот свет. Меѓутоа политиката почна да го креира нашиот живот и кога зборуваме за добри политики тогаш и имаме добар живот. Но се случија нешта кои наместо уметност на можното покажаа дека политиката може да биде на некаков начин земена, украдена, окупирана од многу мал број на луѓе кои мислат дека знаат се, дека политиката е нивна. Дека политичкото е нивно обележје. А, кога нема критика, не може да има добра политика. Значи не смее политиката да биде во рацете на неколкумина, не смее политиката да биде само една страна, а да нема критичка димензија. – рече Силјановска Давкова.
Таа рече дека Преспанскиот договор е штетен за Македонија и дека македонскиот идентитет не треба да се загрозува, бидејќи ние сме македонски народ и тоа е факт, кој не може никој да го спори.