За неа Договорот од Преспа е асиметричен, решението е неодржливо, но напоменува дека новото име не само што е реален, туку е и правен факт и оти доколку таа дојде на функцијата, не значи дека веднаш ќе се стави во акција да го тргне. Не се сомнева дека грчката опозиција еден ден ќе го прифати Договорот од Преспа, за македонската не даде одговор.
За нејзината програма, што таа би сторила за институцијата претседател, доколку биде избрана, каде би ги подобрила работите, што би додала или одзела, за нејзината подготвеност да кохабитира со актуелната власт, за перспективите на земјава за интегрирање во НАТО и во ЕУ, но и за жените во политиката новинарката Ана Цветковска од МИА разговара со кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова.
Најавува дека ќе кохабитира со власта, вели таа знае како се гради компромис, но додава и дека ќе опстојува и на своите ставови за одредени прашања. Верува дека Македонија ќе влезе во НАТО по Преспанскиот договор, но смета дека тој е повеќе плод на геостратешка политика, отколку вистинско решавање на спорот меѓу двете земји. Влезот во ЕУ, според Силјановска-Давкова, е малку потежок поради реформите што се потребни на тој пат, а смета дека реформи досега не се направени, освен што изминатиот период било решено името.
Не даде директни забелешки за работата на досегашниот претседател Ѓорге Иванов, вели не сака да критикува колеги, но најави дека многу работи ќе ги прави поинаку, доколку биде избрана за шеф на државата. Почесто ќе се обраќа до Собранието, ќе ги сензибилизира пратениците за важни прашања, ќе го почитува принципот на меритократија секаде каде што претседателот има надлежности да именува, а ќе биде и поактивна во дипломатијата, особено во изборот на оние кои ќе нè претставуваат пред меѓународната заедница.
Останува на концептот за непосреден избор на претседател, но се залага за укинување на цензусот, за кој вели дека е непотребен со оглед на церемонијалната улога на шефот на државата, но, сепак, очекува на овие избори дека цензусот ќе биде исполнет.
Инсистира на повеќе жени во политиката, а зошто таа, а не Река и Пендаровски за претседател, вели дека таа е златната средина во општеството и нејзиниот избор би бил предизвик, бидејќи жените поинаку им пристапуваат на работите и жените не лажат.
Целото интервју прочитајте го на Република.