Македонија 23. април 2019. / 13:39

Шилегов: Да не ја казниме државата поради незадоволството од СДСМ

Шилегов: Да не ја казниме државата поради незадоволството од СДСМ

Благодарност до граѓаните за опомената што ни ја пратија. По изборите ќе се утврдува индивидуално одговорноста на секој поединечно во рамки на институциите што ги предводи. За нас во овој момент фокусот е на претседателските избори и ги повикувам граѓаните што помасовно да излезат, ако не биле задоволни од владеењето на СДСМ, не треба да ја казниме нашата држава и да ја вратиме децении и децении наназад, изјави денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, одговарајќи на прашање поврзано со изборите во неделата и дали ја сфатиле пораката на народот.

Додаде дека институциите што ги предводи СДСМ, секој поединечно, треба да е свесен дека е носител на одговорност кон граѓаните бидејќи граѓаните го избрале.

Како избран функционер од страна на граѓаните нормално дека чувствувам одговорност кон нив, нашата работа е да ги отвориме процесите што долги години биле комплетно во градот запоставувани и да ги решаваме тие проблеми, рече Шилегов.

И градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев смета дека незадоволството на локално и на ниво на државата од власта, не треба да го казнат Пендаровски.

Нема логика да биде казнет поради нешто друго претседателскиот кандидат кој гарантира дека ќе се оди напред, каде што веќе после долги години се тргна. Ако сметаме дека е подобро да се враќаме назад, тогаш би било логично да се казни некој што не е крив за одредени работи. Јас сметам дека нема зошто Пендаровски да биде казнет, пораката извршната власт на локално, градско и централно ниво ја сфати, рече Богоев.