На тестирањата за корона вирус во текот на вчерашниот ден позитивни биле шест нови случаи. Пет од нив се од Дебар, а еден е пациентка којашто со авион пристигнала од Барселона. Со нив, моменталниот биланс на заболени од корона вирус е 18 пациенти.
Во насика на спречување на ширење на корона вирусот владата воведе затворање за посетители на сите продавници во трговските центри во државата, освен супермаркетите, продавниците за храна и аптеките. Сите останати правни лица можат да работат и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл) и да вршат достава на нарачките. Целосна забрана на работењето има за кафетерии, барови, клубови, казина и спортските обложувалници, а сите вакви угостителски објекти, кои вршат подготовка и продажба на храна можат да работат, без посета на потрошувачи (гости) и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл.) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд, пулт и сл.).
Исто така предвидено е и затворање на сите копнени гранични премини во државава, освен граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце кои може да бидат отворени за премин на патници и возила. Прекин со работата ќе има и на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, односно се се затвора граничниот премини на овој аеродром, по 48 часа од донесувањето на оваа наредена мерка. Забрана за влез на територијата на државава на странски државјани и од земјите со среден ризик согласно листата на СЗО објавена на веб страницата на Министерството за здравство, освен за оние лица за кои МВР ќе даде дозвола по мислење од Главниот координативен кризен штаб, кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.
Покрај тоа, Владата го задолжува Министерството за финансии – Царинска управа, во соработка со министерствата за економија, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за надворешни работи, итно да формира работна група, со цел до утре да подготви информација/предлог за увоз-извоз на прехранбени продукти, а се препорачува сите работодавачи, односно секое раководно лице во институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата на начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.
Владата формирала Кризен штаб со кој ќе раководи техничкиот премиер,а ќе го сочинуваат министерот за здравство, за одбрана, за внатрешни работи, за транспорт и врски, за финансии, за образование и наука, надворешни работи, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување. Кризниот штаб ќе се состанува на дневна основа претпладне во просториите на Вкадата, веднаш по состанокот на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство.
Министерството за внатрешни работи информира дека од безбедносен аспект состојбата во Дебар и Центар Жупа, каде што завчера е прогласена кризна состојба е стабилна. Полициските службеници вршеле засилена деноноќна обиколка и контрола на угостителски и други јавни објекти во двете општини и приградските населби (маркети, ноќни клубови, фитнес салони), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот, што ги презема Владата.
Од МВР посочуваат дека на терен се одвиваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Се дозволува влез само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Нема проблеми во однос на дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
Утре кај претседателот Стево Пендаровски ќе се одржи состанок на Советот за безбедност на кој, освен постојаниот состав, повикани се министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата. На седницата на Советот за безбедност, како што најави претседателот, ќе бидат разгледувани евентуалните опции за справување со опасноста од ширење на корона вирусот. Според него, во однос на стоковите резерви нема простор за загриженост и потенцираше дека има доволно залихи и доколку се усложни состојбата со корона вирусот.