Возилото на воената полиција што било забележено пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ случајно се нашло таму, изјави министарката за одбрана Радмила Шеќеринска по завршувањето на денешниот состанок на Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО.
Според Шеќеринска, причина поради што возилото било забележано пред седиштето била посетата на генерал од земја членка на НАТО, кој бил сместен во хотел непосредно до седиштето на партијата.
Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО на денешниот состанок ја финализираше програмата за продолжување на реформите чија цел е земјата да стане што поскоро членка на Алијансата. Програмата треба да биде усвоена од Владата, а на 6 декември ќе биде презентирана на ниво на НАТО 29+1.
Како што изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска целата програма е резултат на завршените пристапни преговори со НАТО и во неа се вградени забелешките кои беа дадени во целиот овој процес и предвидува реформи во клучните области дома во однос на владеење на право, човекови права, борба против корупција и криминал и ги зема предвид сите воени реформи кои ги усогласувавме со претставниците на НАТО, како и сите други детали што ќе ја прилагодат Македонија и правно и финансиски и во поглед на внатрешните регулативи за да се носи со обврските што произлегуваат од членството во НАТО.