Неприфатливо и неспроведливо е барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се набават 10 илјади терминали за отпечаток од прст – министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја обвини опозициската партија дека дава предлози со единствена цел, пописот да не се спроведе.
„Кога една партија неколку месеци пред пописот кој го чекаме со години ќе даде предлог да се купат илјадиници апарати кои не само што чинат пари, туку треба и долг временски период, тоа повторно ни укажува дека опозициската партија не сака да има попис. И тоа е истата партија која еднаш тргна во попис, самата ги рушеше правилата на пописот, потроши 4 или 7 милиони евра не сум сигурна, и потоа рече пу-пу не важи. Оваа држава не може веќе ништо да планира и личи на сериозна држава, ако уште еднаш го одложи пописот“, рече Шекеринска.
„Со терминали за отисок од прст ќе се изврши реален увид на сите резидентни граѓани и со тоа ќе се изврши дистинкција од граѓаните кои имаат државјанство, од актуелните резиденти. И под 2, објавување на методологијата според која се планира пописот, и овозможување на пошироката засегната и стручна јавност да даде допринос во насока на подобрување. Овие две работи власта мора да ги прифати, доколку целта и е спроведување на попис, а не политички договор кој ќе има само употреба за едни избори“, рече Бојан Стојаноски -пратеник.
Зачестените реакции на опозицијата за пописот доаѓаат откако власта го повлече предлог-законот за попис од собраниска процедура и на владина седница одлучи да ги врати повторно во Собранието но со европско знаменце. Со тоа ќе се скратат роковите и би се спречила можна блокада на законот. Во одредбите е предвидено е да се попишуваат: државјани на Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во државата без разлика дали во моментот на попис се во земјава или во странство; странски државјани кои престојуваат тука со одобрение за престој; и, лица без државјанство кои во моментов на спроведувањето на пописот ќе бидат затекнати во земјава.