Македонија 12. ноември 2020. / 17:49

Шекеринска: Правиме решителни чекори за целосна интеграција во НАТО

Шекеринска: Правиме решителни чекори за целосна интеграција во НАТО

Согласно динамиката за интеграција на Република Македонија во НАТО денеска во Министерството за одбрана и Генералштабот преку видео – конференциска врска се одржа годишна Конференција за интеграција на Република Македонија во структурите на одбраната во НАТО, на која се изврши пресек на достигнатото ниво на Министерството за одбрана и Армијата во процесот на интеграцијата во НАТО, соопшти Министерството за одбрана.

– Република Северна Македонија како полноправна членка на НАТО прави решителни чекори за целосна интеграција во структурите на Алијансата“ рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која заедно со началникот на ГШ, генералот Васко Ѓурчиновски и неговиот заменик, генералот Азим Нуредин, учествуваше на конференцијата.

Сите процеси се во тек, рече министерката дополнувајќи дека стратегиските планови се донесени, планот за стабилно буџетирање на одбраната и зголемување на средствата до 2 проценти од БДП до 2024 година се реализира, исто како што во тек се и многу важните набавки на нова и модерна опрема.

– Во однос на капацитетите, по 11 години стагнација, ние започнавме сеопфатен процес на модернизација. До 2028 година, планираме да реализираме 22 проекти со кои ќе го замениме старото вооружување со нова и модерна опрема, главно насочена за Лесната пешадиска борбена група, нашиот деклариран НАТО – капацитет, информираше министерката.

Шекеринска истакна дека Македонија останува заедно со сојузниците во мисијата во Авганистан, а оти нашата цврста заложба за регионална безбедност и стабилност може да се види преку новата вредност на македонската контрибуција во мисијата КФОР на Косово – во моментов 44 припадници на Армијата работат во рамките на КФОР, а во 2021 година планираме таа бројка да се искачи на 180 припадници.

Генералот Ѓурчиновски пред високите претставници на Алијансата истакна дека Генералштабот на Армијата на Република Македонија интензивно и со полн капацитет спроведува активности со цел достигнување на дадените цели за целосна интеграција со НАТО, кои се одвиваат преку  тековните трансформациски процеси во Армијата во сите области во надлежност на Армијата и за кои, како што рече, очекуваме да бидат остварени во предвидениот рок.

На конференцијата  беа разгледани достигнувањата на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во функционалните области за интеграција (администрација, модернизација и опремување, структура на сили, едукација, тренинг вежби и оценувања, логистика, контрола на воздушниот простор и Комуникациски и информациски системи и кибер одбрана) со цел достигнување на потполна интеграција која е планирана за ноември 2021.

Конференцијата е продолжение на процесот кој претходно го имаше работната група од министерството за одбрана и Армијата за  интеграција и асоцијација во НАТО на координативни состаноци кои се одвиваа пред полноправното членство во НАТО