Во моментов сеуште трае собраниската расправа за избор на нови министри.
Расправата за изборот на нови четворица министри попладнево продолжи со дебата и критики за работата на Владата во изминатата година од пратениците од опозицијата.
Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ читаше делови од Програмата на Владата, посочувајќи на проекти кои се уште не се реализирани.
– Ветувањата вие ги дадовте. Требало да внимавате што ветувате. Ваша должност е да го подобрите животот на граѓаните. Вие ветивте 100.000 денари за лекарите…, рече Илиоски.
Граѓаните, повтори тој, ве перцепираат како „ќе влада“. – Ние сакаме да бидеме конструктивни да ве упатиме каде да се поправите, рече пратеникот.
Премиерот во контрареплика одговори дека е свесен оти очекувањата на граѓаните се големи, но оти државата не може да сервисира се, бидејќи ја затекнале со обврски од 382 милиони евра и дополнителни 280 за Скопје 2014.
– Сите знаеме што значи да се почне од 382 милиони евра обврски дополнително 280 милиони евра за Скопје 2014 при исполнувањето на сите очекувања што граѓаните ги имаат. Многу често зборувам дека разочарувањата се логични, очекувањата се големи, но државата не може да сервисира се од причини што сите знаеме во каква состојба ја затекнавме. Но, тоа што го можеме веќе го направивме, рече Заев.
До полноќ се очекува расправата да заврши и да се гласа.