Македонија 01. ноември 2019. / 19:32

Села: Друг датум освен 12 април ќе значи дека власта се плаши од избори

Села: Друг датум освен 12 април ќе значи дека власта се плаши од избори

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села во „Само интервју“ на Канал 5 изјави дека за неговата партија предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 12 април. Истовремено, за изјавата на премиерот Зоран Заев дека се остава можност за какви било промени поради ратификацијата на Протоколот за прием на земјата во НАТО, Села истакна дека тоа само покажува оти власта се плаши од избори.

Според Села, изборите му требаат пред се на албанското општество, затоа што ДУИ  не било репрезент на мнозинството албански граѓани и изминативе години е дел од власта благодарение на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ.

– Поголемиот дел од населението не се чувствува претставувано овие 18 години. ДУИ секој ден влегува со нарушен идентитет пред Албанците. Вратете се на локалните избори да видите што се случи. ДУИ немаше да добие ниту една општина да не беа ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Албанците овој пат ќе ја донесат промената, ќе ја вратат демократијата – истакна Села.

Тој истакна  и дека Алијанса за Албанците е подготвена, како поголема опозициска партија, да ги напрви сите компромиси во име на враќање на демократијата, како и да седне со секого што ќе ја прифати нејзината платформа и програма.

Неговиот став во врска со изборите е дека кај албанскиот блок треба да важи принципот – помалата етничка заедница која добива на избори да е дел од власта, но тоа правило не треба да важи кај македонскиот блок.

– Заев работи според логика која е многу ризична, како што работеа СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во деведесетите години – колку се покорумпирани албанските политичари, толку се поподобни да ги имате во коалиција. Тој е принципот и начинот на размислување. Од политичари се прават многу мали луѓе кои се чуваат во фиоки за да се истера нечија политика – оцени Села.

Образложувајќи ги барањата на Албанците според негово видување, Села нагласи дека не може да се третира како малцинство 25–30 отсто од населението.

– Тој што прави федерализација не е Села, туку Заев, Груевски. Не поставува Села граници каде може да се учи албански јазик, а каде не. Јас лично сум за функционален систем, а ако треба може и да се излезе од рамките на Охридскиот договор – образложи лидерот на Алијанса на Албанците.

Во врска со настаните на 27 април, Села изјави дека имал некакви информации пред тие да се случат. Како што изјави, бил предупреден оти треба да внимава, затоа што против него се подготвува атентат.

– Работите некој ден ќе излезат на виделина. Има снимки од кои се гледа дека директно јас бев посочен да бидам ликвидиран. Но, не успеаја и добро што не успеаја – потенцира Села.