Македонија 06. октомври 2018. / 19:17

Села: Дебар и Кичево треба да бидат во петта изборна единица!

Села: Дебар и Кичево треба да бидат во петта изборна единица!

Алијансата за Албанците проценува дека дури и ако се постигне потребниот консензус за целиот политички спектар по уставните измени, земјата мора веднаш да оди на предвремени парламентарни избори. Од партијата велат дека на изборите треба да ѝ претходи Пржинска влада и чистење на списокот од фиктивни гласачи. Од таму, исто така, предлагаат Дебар и Кичево како територии целосно да поминат во петтата изборна единица.

„На процес на предвремени парламентарни избори треба да му претходи Пржинскиот модел заедно со чистење на изборните листи од фиктивните гласачи, завршување на дебатата за изменување и дополнување на Изборниот законик, како и спроведувањето на пропорционален изборен систем со отворени листи“, соопштија од Алијансата за Албанците, по состанокот на Централното претседателството.

Од таму бараат итно да се реши, како што велат, проблемот со шестата изборна единица.

„Бидејќи во оваа фаза има недостаток на време, дебатата за бројот на изборните единици треба да биде завршена во еден друг момент, а итно да се реши проблемот со изборната единица бр. 6, која има 10% повеќе гласачи од другите изборни единици, а тоа е во спротивност со Уставот и Законот за избори. Алијансата за Албанците предлага Дебар и Кичево како територии целосно да поминат во Изборната единица 5“, се вели во соопштението.

Централното претседателството на Алијансата за Албанците, исто така, донесе заклучок дека резултатот од референдумот е неспорен индикатор дека поголемиот дел од граѓаните се определени за НАТО и ЕУ.

„Неуспехот да се постигне потребниот цензус на референдумот од 30 септември претставува уште една политичка, формална и правна ситуација. Со други зборови, на 30 септември немаше пресуда, но имаше јасна порака од граѓаните до политичката класа, а пораката е дека одлуката ѝ се делегира на Собранието, односно на пратениците за да се направат сите потребни напори за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието за да се изгласат потребните уставни измени“, велат од Алијансата за Албанците.