Македонија 10. април 2020. / 09:17

Седум пациенти на Инфективна во критична состојба

Седум пациенти на Инфективна во критична состојба

Со потврдени 46 позитивни лица од корона вирус во последното деноноќие, вкупниот број на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјава достигна 663 лица. Меѓу заболените е и првиот регистриран случај на заразен од овој вирус во Пробиштип. Досега бројката на смртни случаи е 30, а излечени се 37 пациенти.

На Клиниката за инфективни болести вкупниот број на хоспитализирани пациенти изнесува 68 од кои со потешка клиничка слика се 20, а седум се во критична состојба. Таму се примени мајка и четиримесечно бебе од Кочани кое се следи од страна на педијатар со сосема лесна форма на анемија и исип. Бебето е во стабилна здравствена состојба и без потреба од респираторна поддршка. Тестот на мајката на бебето, пак, како што соопшти доцна синоќа МЗ, е негативен на Ковид-19.

Четворица од пациентите кои се лекуваат на Инфективната клиника се очекува да бидат пуштени дома доколку и вториот тест е негативен.

Во болницата „8 Септември“ се хоспитализирани 25 пациенти, пет од нив се во тешка состојба и се наоѓаат во Одделот за интензивно лекување приклучени на вештачка вентилација. Во Битола има четири пациенти кои се на болничко лекување од нив тројца се во стабилна состојба, а еден е со кислородна поддршка. Во болницата во Штип четоврица пациенти се на болнички третман и сите се со лесна форма на болеста.

Во кумановската болница, како што потврди вчера директорката на болницата Снежана Захариева шест медицински сестри се заразени со коронавирус. Има и четири здравствени работници од Институот за јавно здравје во Куманово кои се позитивни на Ковид-19.

Според место на постојано живеење или повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 19 градови низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје  и Куманово, додека највисока смртност има во Струга и Тетово.

Досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје – 273, Куманово – 143,  Дебар – 49,  Прилеп –46, Тетово – 30, Струга – 30, Штип-20, Кочани – 19, Велес – 18, Битола –8, Гостивар –4, Гевглелија – 4, Радовиш – 4, Охрид –3, Кавадарци – 3, Крива Паланка-3, Струмица – 2, Крушево – 3, Пробиштип – 1.

Во однос на дистрибуцијата по пол, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на веб-страницата објави дека се регистрирани 319 машки и 344 женски лица. Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (просек – 46 години). Најголем број заболени (21,3 проценти) се на возраст од 50 до 59 години.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,1 отсто), кашлица (60,2), слабост (34,4), треска (20,1), болка во грло (16,6), отежнато дишење (16,2) и главоболка (16,0 проценти), а 206 лица се или биле без симптоми.

Според извештајот на ИЈЗ, во однос на коморбидитети, кај 181 лице се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 126 лица имаат кардиоваскуларна болест, 36 лица се со хронична белодробна болест, 35 со дијабет, 11 со хронична бубрежна болест и 23 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 80 се присутни коморбидитети. Регистрирани се 82 случаи на заболување меѓу здравствени работници.