Македонија 23. декември 2019. / 09:14

Седница на националниот Совет за безбедност

Седница на националниот Совет за безбедност

Во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска ќе биде одржана втората седница на Советот за безбедност.

– На првиот дел од седницата, каде ќе бидат разгледани тековните прашања поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката, покрај членовите на советот, ќе присуствуваат и Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу, директор на Агенција за разузнавање, Зоран Ангеловски, директор на Оперативно-техничката агенција и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата – соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Од Кабинетот на претседателот информираат дека вториот дел на седницата ќе биде посветен на проблемот со аерозагадувањето. На дебатата, покрај членовите на советот, ќе учествуваат и тројца претставници на Здружените граѓански иницијативи и организации, кои во изминатиот период одржаа средба со претседателот Пендаровски во однос на заштитата на животната средина, а преку писмо дадоа предлози и иницијативи за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено.

Исто така, во вториот дел од седницата ќе учествуваат и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање и Фејзула Спахија, директор на Државниот инспекторат за животна средина.