Апелација ја потврди затворската казна за бизнисменот Сеад Кочан, обвинет во случајот „Труст“. По жалба на овбвинетите, казната е намалена од 6 години на 4 години и 8 месеци.
Делумно се уважени и жалбите на Василије Авировиќ, управител на фирмата „Силекс неметали“, кој доби алтернативна мерка, условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во времетраење од две години, која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од пет години по правосилноста на пресудата не направи ново кривично дело, соопштија од Апелацискиот суд.
Апелациониот суд Скопје во останатиот дел првостепената пресуда во целост ја потврди.
Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Кочан и Авировиќ во јули минатата година беа прогласени за виновни во судскиот процес „Труст“, за злоупотреба на јавна набавка.
Судскиот процес траеше точно осум месеци и имаше повеќе од 20 рочишта. Кочан и Авировиќ, односно „Трансмет“ и „Силекс неметали“, според СЈО со лажни документи добиле тендер од ЕЛЕМ вреден 17,3 милиони евра.