Македонија 25. јануари 2019. / 11:52

Се зголемува поддршката за Ѓорчев како кандидат за претседател

Се зголемува поддршката за Ѓорчев како кандидат за претседател

Откако пратеникот Владимир Ѓорчев, ја објави кандидатурата за претседателски кандидат на претстојната Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, поддршката за него од ден на ден се зголемува.

Поранешниот амбасадор на Република Македонија во НР Кина и во Малта, Оливер Шамбевски, јавно на Фејсбук, ја изрази неговата поддршка за Ѓорчев.

– Владимир Ѓорчев го познавам повеќе од 20 години. Вчера прочитав дека ќе поднесе кандидатура на Конвенцијата за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија и најискрено мислам дека е одлично решение од неколку аспекти.

Владимир е исклучително посветен човек на идеалите кои ја формираа оваа држава. Тој во ВМРО-ДПМНЕ е постојано и е активен од самите нејзини почетоци, а кога ова го зборам ги имам предвид и помалку тешките години за ВМРО, но особено ги имам предвид тешките години за ВМРО.

Заради природата на мојата работа како амбасадор сум бил сведок на неговата исклучителна популарност кај меѓународната заедница и тоа во неколку наврати. Неуморен е во градењето пријателства со влијателни луѓе во меѓународната заедница и сметам дека тоа многу ќе и помогне на Македонија. – напиша Шамбевски.

Ѓорчев доби поддршка и од Александар Спасеновски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

-Искрено верувам дека тивкото мнозинство наши сограѓани со тебе ќе добие автентичен мотивиран претставник кој ќе знае како да ги заштити и унапреди заедничките интереси за семејството, за заедницата и за државата. – порача Спасеновски на Фејсбук.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ доби поддшка и од поранешниот градоначалник на Маврово-Ростуше Мукрем Мехмеди.

-Влатко Ѓорчев – претседателски кандидат на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ. Човек кој укажаната доверба од гласачите ја оправдувал, секогаш достапен и близок за граѓаните, со желба да помогне на секој човек. – напиша Мехмеди на Фејсбук.

Ѓорчев доби огромна поддршка и од многу партиски симпатизери, но и од неопределени граѓани.

Довербата во него ја изразија Дејан Ристов, член на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово, ќерката на покојниот режисер Љубиша Георгиевски, Мери Георгиевска, како и македонски актер Петар Темелковски.

Инаку Конвенцијата за избор на претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи на 16 февруари во Струга.