Се засилува кампањата „Излези ЗА европска Македонија“ за референдумот закажан за 30 септември на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ која ја сочинуваат 30 политички субјекти и стотина различни организации. Кампањата вчера продолжи со дебати во Дојран и во Валандово, а министерот за надворешни работи го посети Тетово.
Премиерот Зоран Заев на митингот во Валандово порача дека со референдумот во 1991 ја добивме, а со престојниот референдум на 30 септември треба да ја зацементираме независноста на Македонија.
– Тогаш ја добивме, а сега треба да ја обезбедиме иднината на Македонија со квантен скок во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот за името со Грција. Без договор со Бугарија ќе беше загрозен и договорот со Грција. Со овие два договори сега имаме подадена рака од сите. Грција доби ерга омнес за името, а ние добивме ерга омнес идентитет. Вистински патриотизам е да се донесе правилна одлука и да се обезбеди државата и иднината на нашите деца. Затоа сум убеден дека ќе донесеме силна одлука и дека на 1 октомври кога ќе се разбудиме ќе ја видиме државата поставена на правилен колосек, рече Заев.
Зборувајќи за договорот со Грција, на митингот во Дојран премиерот Заев истакна дека токму тука е местото каде со јужните соседи е договорено признавањето на македонскиот јазик.
– Со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во текот на мај токму тука на паркингот во Дојран постигнавме договор за признавање на македонскиот јазик. Тоа се случи пред тогашниот Самит на ЕУ кога двете страни требаше да направиме исчекор и со тоа покажавме на членките на ЕУ дека сме подготвени на компромиси за постигнување договор, истакна Заев.
Преку постигнатите договори со Бугарија и Грција, нагласи, веќе немаме проблеми со признавањето на нашата земја, народот, идентитетот и јазикот.
– Добивме пријатели кои убеден сум дека силно ќе не поддржат на нашиот пат и определбата за европска Македонија. Нашата интеграција во ЕУ и НАТО преку прифаќањето на договорот со Грција е многу важна за Македонија и затоа сум убеден дека на 30 септември ќе донесеме храбра одлука, потенцира Заев во Дојран.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој кампањата за референдумот ја почна од Тетово порача дека нема никаков сомнеж дека мнозинството граѓани ќе излезат и ќе заокружат Да и додаде дека тој на 30 септември со еден цврст и голем круг ќе заокружи За.