Албанските опозициски партии, БЕСА на Биљал Касами и Алијансата за Албанците најавија дека до Нова Година ќе поднесат нови уставни амандмани за закажаната собраниска расправа на 9 јануари 2019 година.
Од БЕСА најавија дека ќе поднесат три амандмани на Уставот што се однесуваат на државјанството и грижата на државата за дијаспората.
– За мене е неприфатливо државниот карактер да биде моноетнички, да биде етнички македонски, за што и актуелната Влада е ангажирана околу Преамбулата. Што се однесува на прашањето за државјанството, тоа се поврзува со карактерот на државата. Тука е и дијаспората. И тука е вмешана македонската страна. Се става акцент на македонскиот народ, а сите ние другите сме етнички заедници – изјави пратеникот од БЕСА, Фадил Зендели, пратеник на движењето Беса.
Од Алијансата за Албанците најавуваат амандмани на трите предлог-амандмани на Владата.
– Најверојатно ќе имаме амандман на Преамбулата, односно за предлог амандманот 34, каде што нашата цел е да се елиминира тоа редење на етничките заедници со што се издвојува македонскиот народ од другите. Значи, тенденцијата е да се направи редење без категоризација на граѓаните на Македонија – изјави Сурија Рашиди.
За да поминат уставните измени потребно е 2/3 мнозинство од пратениците, за што од владеачката партија велат дека нема да има проблем при обезбедување на мнозинството.